Изложба „Камен“ на Христина Крстеска

На 5 Октомври во фоајето од Центарот за култура „Кочо Рацин“ – Кичево се одржа изложбата „Камен“ на Христина Крстеска со почеток од 18 часот.

Христина Крстеска (1995) е визуелен уметник и истражувач по потекло од Кичево, а во
моментов лоцирана во Скопје. Има завршено дипломски и магистерски студии на
Факултетот за Ликовни Уметности во Скопје, област сликарство но нејзината уметност
се базира на мултимедијални практики. Во полето на уметноста таа работи со
интердисциплинарен пристап, учејќи за геологијата, со фокус кон истражување на
карпести пејзажи кои на било каков начин биле под влијание на човечки активности и
разгледувајќи ги геоморфолошките промени кои се случуваат поради антропогени
процеси. Во 2022 беше помеѓу избраните автори за работа на интердисциплинарен
издавачки проект од студиото Private Print од Скопје, а во декември 2023 ја издаде
својата прва уметничко – истражувачка книга “Raw Breathing – Traveling through
rockscapes”. Во октомври 2023 реализираше претставување на свој мултимедијален
проект – изложба со наслов “Суровини” во Младинси Културен Центар – Скопје, како
дел од “ЕХО” Планински Филмски Фестивал. Христина има учествувано во многу
неформални уметнички предавања, школи, проекти и работилници од партиципативен
карактер, социјално ангажирани уметнички практики, како и проекти за подигнување
на свеста за заштита на животната средина. Таа беше учесник и ко-автор во краткиот
уметнички филм на уметницата Клелија Живковиќ со наслов “Вештини за оживување”
кој премиерно се прикажа во Центар Јадро во мај 2024г. Дел од групните изложби во
кои неодамна учествувала се "Под земја полесно се дише" во декември 2023;
"Човеколики невољи" 2022/23 – партиципативен проект предводен од уметницата
Ивана Мирчевска.
Исто така, таа качува планини и е активен член во алпинистички клуб,па оттаму и нејзината инспирација и потреба да работи со проблематиката на карпите.

Карпите постојат поразлично од сè друго во животната средина кое се раѓа, старее и
умира, па така класифицирајќи ги карпите како неживи наспроти живите битија
имаме создадено цел речник на разлики и поделби. Овие инертни форми човекот ги
употребува најмногу како минерални суровини, но која е нивната форма на постоење
надвор од човечката прецепција? Кога би се обиделе да ги погледнеме од друга
перспектива, дали би можеле да ја замислиме нивната околина од времето кога се
создавале? Доколку ги гледаме карпите како ентитети со свое значење во животната
средина, дали би се обиделе да ги разбериме и заштитиме? Некои од карпите кои нè
опкружуваат постојат тука, на Земјата, преку 100 милиони години и се сведоци на
многу промени што се случувале околу нив. Тие претставуваат и еден вид на
„временски капсули“ затоа што преку лабораториски испитувања на нивни примероци
дознаваме за животот на Земјата од тоа дамнешно време, време кое е далеку од
нашите капацитети да го разбериме, а со тоа и да ја сфатиме нашата меѓузависност со
карпите. Нашата неможност да ја разбериме нивната временост и форма на постоење,
на некој начин нè поттикнала да ја покажиме нашата доминација и контрола врз нив.
Делата во оваа изложба повикуваат кон успорување на нашиот динамичен живот и
обид да се разбере природноста на карпите, да се погледнат од перспектива која
најчесто не ја забележуваме кога доаѓаме во контакт со нив. Иако карпите ги
класифицираме во нежива природа, тие не се целосно инертни, напротив, тие се во
постојано движење, а нашите секојдневни процеси веќе влијаат во нивното
седиментирање.

https://fb.me/e/5Fqlwc87H

https://www.facebook.com/media/set/?vanity=100070950774337&set=a.561172506257770

https://fb.watch/vxPRw0EEWE/

You may also like...